1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Иранскиот претседател го предупредува Израел да не реагира

ЕМФ | афп
16 април 2024

По големиот напад на неговата земја врз Израел, иранскиот претседател Ебрахим Раиси предупреди на последиците од евентуален контранапад.

https://p.dw.com/p/4eplC
Иран Ебрахим Раиси
Иранскиот претседател Ебрахим РаисиФотографија: Iranian Presidency/dpa/picture alliance

„Најмала акција“ против „интересите на Иран“ ќе резултира со „остра, сеопфатна и болна реакција“ од Иран, рекол иранскиот претседател Ебрахим Раиси во телефонски разговор со катарскиот емир Тамим бин Хамад ал-Тани, соопшти иранскиот претседателски кабинет. Раиси ја критикувал и „слепата поддршка на одредени западни земји“ за Израел, што е „причина“ за тензиите во регионот.

Иран во текот на викендот (13/14.04) за првпат го нападна Израел директно од своја територија. Според израелските информации, одбиени биле речиси сите беспилотни летала, ракети и крстосувачки ракети кои ги лансирал Иран. Техеран ги опиша нападите со беспилотни летала и ракети како одмазда за нападот врз зградата на иранскиот конзулат во Дамаск на први април, што Техеран му го припишува на Израел, а во кој, меѓу другите, беа убиени двајца генерали на Иранската револуционерна гарда.

Западните земји, вклучително и Германија, остро го осудија иранскиот напад. Сега владее меѓународна загриженост дека може да следи израелски контранапад, што би предизвикал пожар во регионот.

Иранскиот заменик министер за надворешни работи Али Багери во понеделникот вечерта на државната телевизија изјави дека доколку Израел одговори, ќе мора да очекува „посилен, побрз и понепосреден напад“ од Иран. Овојпат Техеран нема да чека дванаесет дена, рече Багери, мислејќи на периодот меѓу нападот во Дамаск и нападот врз Израел. Одговорот ќе дојде „не во денови или часови, туку во секунди“.