1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Германија: Препорака за легализација на рани абортуси

Кристоф Хаселбах
15 април 2024

Прекинот на бременоста во првите 12 недели треба во иднина принципиелно да биде дозволен, барем според мислењето на Комисијата која прашањето го разгледуваше по налог на сојузната влада.

https://p.dw.com/p/4elzY
Германија демонстрации абортус
Многу емотивна дебата: Правото на жената на самоопределување наспроти заштитата на неродениот животФотографија: Martin Schutt/dpa/picture alliance

Абортусот во Германија е генерално забранет и кривично дело. Тоа е регулирано во членот 218 од Кривичниот законик. Прекинот на бременоста е неказнив, под услов да се случи во првите 12 недели и доколку трудницата претходно посетила советување. Експлицитно дозволен е абортусот во случај кога жената била силувана, ако постои опасност по нејзиниот живот, или за нејзиното физичко или ментално здравје. Регулативата во таква форма постои веќе 30 години и беше резултат на долготрајни и остри дебати. Владеачката коалиција во Берлин сега повторно ја отвора темата и сака да го либерализира абортусот.

Казнивост на абортусите: „Стигматизација на жената“

Комисија од експерти формирана од сојузната влада сега разработи препораки на оваа тема. Абортусот во иднина, според мислењето на Комисијата, не би требало да биде генерално казнив. „Во раната фаза на бременоста (...) законодавецот би требало да дозволи прекин на бременоста со согласност на жената“, се вели во извештајот на Комисијата претставен денеска (15.04) во Берлин. Сегашната регулатива во Кривичниот законик не го издржува тестот „на уставното, меѓународното и европското право“.

Комисијата, во однос на абортусот, гледа простор за делување на законодавецот и за средната фаза од бременоста, од 12 до 22 недела. Од 22-та недела натаму абортусот и натаму треба да остане нелегален, освен во случај на силување или опасност по здравјето на трудницата.

Клучната разлика во однос на актуелната регулатива, имено што раниот абортус веќе не би бил кривично дело, политичарката од СПД, Катја Маст, ја објаснува вака: „Мислам дека на регулирањето на абортусот не му е место во Кривичниот законик затоа што, според мене, тоа е стигматизација на жената.“

Задршки кај Католичката црква

Црквите и здруженијата се јавија со различни реакции. Тоа ја покажува и поларизацијата која ја предизвикува оваа тема. Католичкиот бискуп Хајнер Кох, кој се занимава со семејни прашања, порадо би останал на постоечката регулатива, затоа што „истовремено високо ги вреднува и ситуацијата и грижите на мајката, но и заштитата на нероденото дете“, рече тој за Католичката новинска агенција. Централниот комитет на германските католици го критикува моментот дека ембрионот во раната фаза на бременоста така ќе има помалку права на заштита. Здружението „Про Фамилија“ пак ги поздравува препораките. Тоа се залага за целосно декриминализирање на абортусите и укинување на обврската за советување.

ЦДУ/ЦСУ и АфД контра владата?

На политичката сцена отпорот како и што се очекуваше, доаѓа од конзервативната страна. Фридрих Мерц, шеф на најголемата опозициска партија ЦДУ, ја предупредува владата дека со реформата ќе „внесе голем општествен конфликт во земјата“. Доротеа Бер, од баварската сестринска партија ЦСУ, во интервју за еден весник рече дека е „несфатливо што заштитата на животот на нероденото дете очигледно веќе не треба да игра никаква улога".

И деснопопулистичката АфД својот отпор спрема либерализацијата го образложува со заштитата на неродениот живот.

Партијата Левица, пак, бара владата од препораките да подготви предлог закон и да го поднесе за скоро време. Ако тоа се случи, на гласањето во Бундестагот веројатно Унијата од ЦДУ и ЦСУ, како и АфД ќе бидат на една страна, што може да биде проблем за Унијата, бидејќи има подигнато „ѕидини“ во однос на делумно десноекстремната АфД и не сака да соработува со партијата. Со слична дилема би се соочила ЦДУ ако таа или АфД, или двете партии, поднесат жалба пред Уставниот суд против таков предлог закон. Во 1990-тите еднаш веќе се случи либерален предлог закон од Бундестагот да падне пред Уставниот суд. Како компромис тогаш излезе и денес важечката верзија на законот. И овојпат жалба пред судот против реформата на владата би имала изгледи за успех.

#dw_BalkanBooster: Што мислат младите за абортусот

Веќе падна „забраната за реклами“ за абортуси

Други планови околу темата прекин на бременоствладата веќе ги спроведе или спроведува, како на пример укинувањето на членот 219a од Кривичниот законик, односно т.н. забрана за рекламирање на абортуси. Врз основа на овој член, лекари кои јавно информираа за прекин на бременост, беа казнувани. Исто така во парламентарна процедура се најде и регулативата со која агресивни протестни акции од противници на абортусот во близина на советувалишта, болници или ординации каде што се спроведуваат прекини на бременоста, ќе биде во иднина казнуван како прекршок.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик