1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИКС: Сѐ повеќе млади зависни од социјалните медиуми

ДТЗ
18 април 2024

Најчесто се информираат од Фејсбук, ТикТок и Твитер, веруваат дека ги препознаваат дезинформациите, но половина од нив признаваат дека споделиле неточна вест без да знаат.

https://p.dw.com/p/4euv6
социјални медиуми
Се повеќе млади зависни од социјалните медиумиФотографија: Weronika Peneshko/dpa/picture-alliance

Една четвртина од младите се зависни од социјалните медиуми. Тие ги одбираат Инстаграм, Фејсбук и Јутуб како најинтересни за следење вести, а вестите за образование, наука и технологија им се најпривлечни. Иако веруваат дека само некои од информациите на социјалните медиуми се вистинити, за младите активното пребарување и реагирање на информациите не е вообичаено. Се сметаат за способни да препознаат дезинформации во медиумите, но повеќе од половината можеби споделиле дезинформации без да знаат. Според младите, политиката и политичките партии се извор на најмногу неточни или погрешни информации, а нивните политичките ставови за општествените случувања во државата се нечујни.

Ова го покажува анкетата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во пресрет на претседателските и парламентарните избори, чија цел е да се утврдат навиките за користење на медиумите и вестите кај младите луѓе, нивната способност да ги препознаваат дезинформациите во медиумите и како се граѓански и политички ангажирани. Анкетниот прашалник е спроведен во периодот од декември 2023 до март 2024 година на примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени).

социјални медиуми
Младите најчесто се информираат од Фејсбук, ТикТок и Твитер, додека на инфлуенсерите најмалку им веруваат Фотографија: Jaap Arriens/NurPhoto/IMAGO

Се информираат од Фејсбук, ТикТок и Твитер

Убедливо најчесто користен извор за добивање информации за случувањата кај нас и во светот за младите испитаници (за 72,5% од нив) се социјалните медиуми (Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, Твитер, Јутјуб…). Следни најчесто користени извори на информации за младите испитаници се семејството, пријателите и колегите (за 42% од младите), генераторите на вести (за 40,9%) и експертите со свои јавни профили (за 39,4%).

Традиционалните медиуми, односно телевизиите, радијата и весниците како извори за информирање ги одбираат 38,8% од младите луѓе. Најретко користени извори за информирање за младите се личностите што креираат објави на социјалните медиуми, односно инфлуенсерите и јутјуберите (31,1%), и специјализираните веб-страници или научни/стручни списанија за определени области и интереси (28,4%). Меѓу другите извори на информирање што ги имаат наведено младите се: социјалната мрежа Телеграм, медиумски корпорации што имаат профили на социјалните мрежи и платена верзија на ГТП (GTP), односно напреден виртуелен соговорник што користи производствена вештачка интелигенција со цел да пребарува конкретни информации од интерес и да ја проверува нивната валидност

„Социјалните медиуми што младите најчесто ги користат за следење вести се Инстаграм (73,8%) и Фејсбук (61,7%), додека на трето место е Јутјуб (45,2%). Следна најчесто користена социјална мрежа за добивање вести е ТикТок (29,3% од младите), а најретко користена е Икс (Х, претходно Твитер). Како извори за следење вести младите наведоа и други медиуми, како: Гугл, Линкдин, Телеграм, Редит, Снепчет, Спотифај, Ревиста онлајн, Тајм.мк и други интернет-страници“. се наведува во анализата на ИКС.

Младите почесто пасивно ги консумираат вестите, односно почесто наидуваат на вести додека прават други работи отколку што активно ги бараат и ги проверуваат информациите. Читањето вести често ги предизвикува да ги споделуваат усно или онлајн со пријатели и колеги и да ги читаат коментарите од други луѓе на вестите на социјалните медиуми, а поретко практикуваат директно и јавно да реагираат со свое пишано мислење за одредена вест. Во однос на темите, кај младите постои помал интерес за политичките случувања во државата, економијата и социјалната правда, а забележале неточни или погрешни информации за политика, познати личности и за криминал и корупција.

Можете ли да препознаете што е вистина, а што лага?

Дали ги препознаваат дезинформациите?

Кај младите луѓе се забележува критичен однос кон вистинитоста на споделените информации. Тие за себе мислат дека се успешни во препознавањето на дезинформациите, иако над половина (51 %) одговориле дека можеби споделиле без да знаат дека е дезинформација. Само 13,4 % сметаат дека поголем дел од информациите на социјалните медиуми се вистинити, а 34,3 % пријавиле присуство на дезинформации во медиумите. Речиси 2/3 од младите испитаници сметаат дека главни креатори на дезинформациите се политичките партии.

Кај испитаните млади луѓе се забележува изразена заинтересираност за јавните работи. „Во однос на нивниот граѓански ангажман, над половина (53 %) од испитаниците биле вклучени во некаков вид волонтерска активност за решавање на локалните проблеми. Во поглед на изборниот ангажман, 39,8 % испитаници се изјаснија дека редовно гласаат, а понекогаш гласаат 16,7 %. Но, кога беа прашани за нивниот „политички глас“, најчест одговор на младите испитаници е „Не сум го направил/а тоа“ за серија понудени активности што претставуваат манифестација на политички ставови во однос на определени општествени случувања, како што се: акции за собирање средства во добротворни цели, учество во протест, средба со некој политичар функционер, потпишување писмена петиција, бојкотирање компанија поради нејзините општествени вредности и слично“, наведуваат од ИКС. 

Зависност

Во однос на употребата на социјалните медиуми, 5 % од испитаниците спаѓаат во критичната група на висока зависност од социјални медиуми, но забележителен е и процентот на испитаниците (19 %) што се блиску до критичниот резултат за дијагностицирање на ваквата зависност.

Кај луѓето што се зависни од социјалните медиуми може да се забележи појава на вознемиреност, особено кога нема достапност до социјалните мрежи, постојано се проверува телефонот кога ќе се слушне звукот за известување, при поставување слика на профилите постојано се проверуваат коментарите и лајковите, користењето на социјалните медиуми е првото и последното нешто во денот, односно вообичаена рутина, а настаните се проценуваат според тоа колку се вредни за „прикачување“.